„Сестрите Прозорови“ премиерно во Театар „Џинот“ во Велес
Претставата „Сестрите Прозорови“ работена е според „Три сестри“ од Чехов, документаристички материјали и авторски текстови, во адаптација и драматургија на Сашо Димоски, а во режија на Васил Зафирчев.
Според авторите на претставата ништо во неа не реферира на пиесата на Антон Чехов „Три Сестри“ на која упатува насловот, освен најголемиот дел од текстот за изведбата. Во оваа претстава, трите Чехови сестри, Олга, Маша и Ирина Прозорови, не се драмски ликови. Трагични се. Исчашени се од зглобот, од нивната природна драмска зададеност и создадени се нови ликови што и натаму го имаат драмскиот квалитет на Чехов преку обоеноста со трагична гама и се поставени во нов, фрагментиран систем од односи, чија целина е постигната преку документаристичка рамка. Нивната безнадежност, која гласно нѐ засега, доведена е до екстрем, засегнувајќи го личниот опстанок. За ваквиот опстанок, опстанок среде безнадежност, е создадена оваа претстава.
„Сестрите Прозорови“ е прва премиера на Велешкиот театар за сезона 2020 која театарот ја реализира од сопствени средства.
Станува збор за коавторски проект на Сашо Димоски и Васил Зафирчев, во кој улогите ги толкуваат Кети Борисовска, Маја Љутков, Славица Манаскова, Жарко Спасовски и Фаик Мефаилоски. Костимограф на претставата е Раде Василев, а автор на плакатот и рекламниот материјал е Филип Коруновски.
Премиерното прикажување ќе се одржи, во среда, на 22 јануари 2020 година со почеток во 20 часот на големата сцена на велешки театар.
Во напомена од театарот соопштија: Претставата трае 65 минути и не е за лица под 14 години, а заради трепкачки ефекти во светлосниот дизајн истата не се препорачува за лица кои патат од епилепсија.
Првата реприза на претставата е на репертоарот на театарот во четврток, 30-ти јануари во 20 часот./У.Ј