Театар „Јордан Х.К-Џинот“ ја отвора сезоната со премиера на комедијата „Одам на лов“ во режија на Дејан Дамјановски
Претставата „Одам на лов“, напишана во 1892 година од францускиот автор Жорж Фејдо во режија на Деан Дамјановски, е комедија на вонбрачни заплети во која двајцата сопружници (парот Дишотел) решаваат, секој одделно, да направат брачна изневера. Но, сплетот на околности е таков што и пред двајцата се испречуваат мноштво пречки кои ги попречуваат да ги остварат своите намери, со што влегуваат од една во друга комична ситуација. Уметничкиот директор на велешки театар Васил Зафирчев рече дека Велешани треба да ја проследат претставата.
– Затоа што е во духот на добрите убави комедии кои што се специфика на нашиот ансамбл и на нашиот театар. Станува збор за познато дело на француски комедиограф поставено многу пати до сега на многу светски сцени па дури и на сцената на нашиот театар пред три децении. Велешани можат да очекуваат една шармантна и забавна комедија, со габаритна сценографија, убави костими и многу атрактивна актерска игра, рече Зафирчев.
– „Одам на лов“ е осовременување на една класична комична фарса, во насока на излегување од нејзиниот херметизам и отворање кон актуелниот општествено социјален момент. Жанровски таа личи на своевиден телевизиски ситком, со сите негови типизирани ликови и заплети, но таков, во којшто на моменти гледаме од другата страна на кулисата, од другата страна на смеата, рече режисерот Дамјановски.
Во претствата настапуваат актерите: Маја Љутков, Фаик Мефаилоски, Васил Зафирчев, Самоил Стојановски, Жарко Спасовски, Кети Борисовска, Талија Настова и Исидор Јовановски. Драматург на претставата е Сашо Димоски, сценографијата е на Филип Коруновски, костимографијата на Елена Вангеловска, изработката на костимити е на Раде Василев, а изборот на музиката на Горан Трифуновски-Пајак.
Премиера на комедијата „Одам на лов“ e закажана за сабота, 14 септември со почеток во 20 часот.
Одам на лов е втора продукција на Велешкиот театар од Програмата за 2019 година поддржана од Министерството за култура. Првата реприза на претставата е закажана за 17-ти септемри во 20 часот./У.Ј