Во Велес, започнуваат „56 Рацинови средби“
Со положување на цвеќе и засадување млади садници во шумата на Рацин од страна на добитниците на Рациновото признание и Почесното Рациново признание на Спомен-костурницата во Велес, вечерва 6 јуни, во 18.30 часот започнуваат 56-те Рацинови средби. Триесет минути пред официјалниот почеток на една од најголемите поетски манифестации во Македонија ќе и претходи велосипедска трка „Возиме за Рацин” , со старт на спротивната страна на градот, во новиот дел поточно на паркингот во населба Тунел.
Учесниците на средбите, гостите и домаќините – сограѓани на Рацин пред неговите споменици на плоштадот во центарот на Велес, во 19 часот и пред гимназијата што во Велес го носи името поетот, во 19 и 15 часот, ќе оддадат почит и ќе положат цвеќе. Пред споменикот во гимназискиот двор свое обраќање ќе има проф д-р Соња Стојменска-Елзесер, претседател на Друштвото на Писатели на Македонија.
Половина час подоцна, поточно во 19 : 45, во театарот „Јордан Хаџи Константинов Џинот“ ќе биде отворена историска изложба за Рациновите средби „Споменот на Рацин низ времето“ и ќе биде промовирана книгата „Бели мугри на словенски јазици“ од промоторот проф. д-р Кристина Николовска.
Свечено отворање на 56 Рацинови средби ќе започне во 20:30 часот, во големата сала на театарот, со настап на детскиот хор „Св. Кирил и Методиј” под диригентство на проф. Веселинка Маџарова. Потоа поздравно обраќање ќе има Градоначалникот на Велес, Аце Коцевски и Беседа за Рацин ќе одржи проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска. Крајот на првиот, од вкупно двата дена во кои се одржуваат Рациновите средби, предвиден е за Меѓународниот поетски митинг по кој концерт ќе одржи етно групата „Монистра“.
Во петок, на 7 јуни, во зградата на велешки театар ќе се одржи Меѓународна научна конференција на тема „Светлината на зборот“ – јазични и книжевни аспекти во поезијата на Кочо Рацин и Матеја Матевски. Таа ќе започне во 11:00 часот и ќе трае во наредните четири часа.
Вечерта, учесниците и гостите на годинешната поетска манифестација, придружувани од домаќините и заинтересираните сограѓани ќе ја посетат спомен-куќата на Рацин каде ќе се одржи промоција на збирката поезија од млади поети „Под едно небо“ во издание на Агенција за млади и спорт. Збирката ќе ја промовира проф. д-р Христо Петрески. Почетокот на оваа содржина од годинешната програма е закажан во 19 часот.
Еден час подоцна, во зградата на театарот „Јордан Хаџи Константинов Џинот“ ќе се одржи свеченото затворање на 56 Рацинови средби. Присутните ќе имаат можност да ги проследат портретите на годинешните лауреати по што на писателот Венко Адоновски и Неговата екселенција, проф. д-р Милан Јазбец, поет, писател и Амбасадор на Република Словенија во Република Северна Македонија ќе им бидат врачени Рациновото признание и Почесното Рациново признание. Во нивна чест концерт ќе одржи Драган Даутовски трио./У.Ј