(ФОТО) Руска вечер на Драмското студио „Словото“, во режија на Весна Димитрова Бобевски
Во улоги на актери, рецитатори, модерни танцувачки и танцувачи, оперски певици и пијанистки четириесетмината учесници во перформансот на Драмското студио „Словото“, во режија на Весна Димитрова Бобевски, на Руската вечер во Велес ја оставија без зборови присутната публика во големата сала на Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов Џинот“.
Меѓу нив беше и Амбасадорот на Руската федерација во Македонија, неговата екселенција Сергеј Баздникин кој со голема возбуда и импресии по завршувањето на перформансот, обраќајќи им се на македонски јазик, на присутните им рече дека се сведоци на значаен настан во општествениот живот на градот Велес и дека останал без зборови. Потоа додаде:
-Младите актери покажаа искрена љубов кон Русија, руската литература, музика и танц. Јас, без претерување, бев длабоко трогнат од желбата да се презентираат најдлабоките традиции од руската култура. Со посебно внимание ги следевме сцените од драмата на генијалниот писател Антон Чехов, ги слушавме делата на големиот композитор Петар Илич Чајковски, имавме можност да ги видиме нераздвојливите елементи на рускиот фолклор, Калинка и Казачок. На сцената царуваше волшебниот свет на руската музика, литература и театар, рече амбасадорот Баздникин.
Тој додаде дека братските народи на двете земји се обединети со вековни врски, вклучително во хуманитарната и културната област, па затоа е особено почестен кога иницијативата за организирање на вакви настани доаѓа од самите Македонци.
Опишувајќи го перформансот режисерката Весна Димитрова Бобевски најнапред појасни дека пријателството и гостопримливоста на Русите се составен дел на нивната душа.
-Ако некогаш отидете во Русија обидете се во секоја тишина да ја почувствувате таа ода на добредојде и пријателство. Големите писатели се обидоа да ја опишат до прецизност иако не е така едноставно затоа што таа е великодушна и штедра, широка како степа, како бајка, како недогледите на Русија, рече Димитрова Бобевски.
Руската вечер во Велес финансиски ја поддржа Амбасадата на Руската Федерација и претставништвото на Россотрудничество./У.Ј
Фотографии од перформансот на Руската вечер: