Oткриен споменикот на Мустафа Кемал Ататурк во Велес
По многу перипетии и пет годишно чекање денеска свечено беше откриен споменикот на таткото на модерна Турција, Мустафа Кемал Ататурк, во паркот на пријателството на Велес со Општина Каршијака, Република Турција. Споменикот го открија градоначалникот Аце Коцевски, членот на Советот на Општина Велес, Бесим Ахмедов и претставничката на Аташето за култура на Амбасадата на Република Турција во Република Македонија, Чилдем Ѓулу.
-Турската заедница е многу важен конситутивен елемент на македонската нација, да речам граѓани, во целина. Мило ми е што конечно овој споменик ја виде светлината на денот и ќе го краси нашиот град. Тоа е важно не само за турската заедница во нашиот град туку и за сите нас, не само затоа што таткото на Кемал Ататурк потекнува од селото Коџаџик, дебарско, не само што учел Воено училиште во Битола и затоа што е творец на модерна Турција туку затоа што е еден од главните ликови во модерната светска историја и цивилизација. Верувам дека овој споменик ќе привлекува туристи кои од Турција ќе доаѓаат во Македонија за да го видат во знак на пријателството на Македонија со Турција, рече градоначалникот Коцевски.
-Многу сме горди што денеска сме тука, во Велес, на откривањето на споменикот на Мустафа Кемал Ататурк. Се надевам дека и во иднина заеднички ќе организираме уште многу вакви убави културни настани во Македонија каков што е денешниов, рече Ѓулу.
– Ова е посебен ден за турските граѓани во целата држава, Република Македонија. Пресреќен сум што ја имав честа да бидам дел од делегацијата што го откри споменикот на Кемал Ататурк во Велес. Од секогаш постоело пријателство помеѓу македонскиот народ и Турците. Околу 2 милиони наши македонски иселеници денеска живеат во Каршијака, кај Измир. Се надевам дека за кратко време ќе се надмине проблемот со двојното државјанство затоа што постарите од нив сакаат да дојдат а голем дел од нив и повторно да живеат тука, во Македонија, рече Ахмедов.
Споменикот е донација од збратимената општина Адалар од Турција. Како што најави градоначалникот Коцевски, во иднина во соработка со турската заедница во Велес ќе биде поставена и бистата на Мустафа Кемал Ататурк за што се чека одлука за локација од страна на турската заедница во градот.
На свеченото откривање на споменикот му претходеше одбележување, поточно свечена академија на Денот на Наставата на турски јазик во Република Македонија која се одржа во Ликовниот салон во Велес. Настанот го организираше Општина Велес и присуствуваа претставници на општествено-политичкиот живот во Велес и Македонија од македонската и турската заедница, на Амбасадата на Република Турција, претставници на верските заедници и граѓани. /У.Ј