Новогодишно-божиќен гала-концерт на Македонска Oпера и Балет во Велес
Велешани, особено љубителите на класичната музика ќе имаат можност да уживаат во Новогодишно-божиќниот гала-концерт на Македонската Опера и Балет на кој ќе настапат Весна Гиновска Илкова, Славица Петровска Галиќ, Зоран Сотиров, Ристе Велков, Ана Ројдева Талевска, Наде Талевска и Ѓорѓи Цуцковски, самостојно и во дует. Оперските пејачи и певици ќе изведат арии од најпопуларните светски оперски дела меѓу кои: „Кармен“ од Жорж Бизе, „Риголето“ и „Травијата“ од Џузепе Верди, „Мадам Батерфлај“ и „Турандот“ од Џакомо Пучини, „Севилскиот бербер“ од Џоакино Росини, „Ромео и Јулија“ од Шарл Гуно и „Хофманови приказни“ од Жак Офенбах.
Гала концертот ќе се одржи на Големата сцена на Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов Џинот“ во среда на 26 декември со почеток во 19.30 часот. Го организираат Општина Велес со поддршка на Националната Установа Центар за култура Народен Театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ и „Ротари клуб“ – Велес со учество на 70 членови на Македонската Опера и Балет, од кои 53 членови на оркестарот и седуммина првенци на Операта. Влезот е слободен.
По тринаесет години Велешани повторно ќе имаат можност да уживаат во оперската уметност.
Претходно, МОБ во градот има настапено во 2005 година со операта „Рита“.
Според најавите од општината,вгодина во месец февруари, Велешани ќе можат да уживаат и во балет откако е упатена покана за гостување на култната балетската претстава „Либер Танго“ од Астор Пјацола на Македонска опера и балет./У.Ј