Избран идејниот проект за новата градска библиотека во Велес
Комисија составена од двајца архитекти, како надворешни членови заедно со вработените од Одделението за урбанизам на Општина Велес денеска го избраа проектот за изгледот на новата зграда на локалната библиотека „Гоце Делчев“. На изборот, како консултант присуствувал и директорот на оваа културна институција, Игор Крајчев но тој немал право на глас.
Автори на едногласно избраниот проект се инжинерите архитекти проф др. Минас Бакалчев, професор на архитектонскиот факултет во Скопје, Саша Тасиќ, Гордан Петров и Александар Петановски. Соработник на проектот е Марија Петрова.
Општината сега ќе треба да распише оглас за изработка на основен проект кој ќе овозможи новата зграда на градската библиотека истовремено да функционира и како медиотека каде ќе се организираат различни едукативни и културни содржини.
Новата зграда на велешката библиотека ќе се гради на локација во Младинскиот парк поточно на местото на постоечката барака што ја користат фолклорните друштва. Објектот ќе се гради на градежна парцела која во Детален урбанистички план е предвидена за оваа намена./У.Ј