Претставата „Вдовицата се мажи“ на велешки театар пред публиката во Македонска Каменица
Во четврток, на 27-ми септември, во културно-информативниот центар „Романса“ во Македонска Каменица со почеток во 19.30 часот, Театарот „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ од Велес ќе настапи со комедијата „Вдовицата се мажи“, работена според „Мечка“ на А.П.Чехов во режија и адаптација на Младен Крстевски.
Во претставата настапуваат актерите Марина Поп-Панкова како Попова, Васил Зафирчев како Смирнов и Младен Крстевски како Лука.
Сценографијата за претставата е на Филип Коруновски, костимите се на Катерина Чукниева, а изборот на музиката е на Снежана Митова.
„Вдовицата се мажи“ е комедија на карактери која изобилува со брзи дијалози, силни емоции и ненадејни пресврти. Претстава за едноставната комплексност на човековата природа, за тенката граница помеѓу омразата и страста, за човекот кој честопати знае да биде чуден, а прекрасен и туѓ на себе.
Претставата досега имаше повеќе гостувања и успешни фестивалски настапи, а истата беше наградена и на Меѓународниот театарски фестивал „Руска класика“-Лобња во Москва, Русија со наградите за најдобра странска претстава и најдобар актерски ансамбл./У.Ј