ИФАД „Стоби 2018“: Дигитална изложба на фотографии од одиграните претстави во изминатите 26 години
Стоби е пред се град од камења а актерите,сите, се по едно камче во историјата што велешки театар ја создаваше во изминатите години поточно од 1992 до денеска. Со овие зборови актерката Слободанка Чичевска ја отвори промоцијата на дигиталната изложба на Фестивалот на античка драма „Стоби“ во која преку фотографии и текст, сочувани во архвата на велешки театар „Јордан Хаџи Константинов Џинот“, се забележани сите досега одиграни претстави. Особено интересно беше да се види почетокот на фестивалот и двете легендарни претстави на режисерот Сојан Стојановски „Електра“ и „Антигона“ одиграни во 1992 и 1993 година. Во двете, главната улога ја одигра актерката Слободанка Чичевска.
-Започнувајќи од 1992 година кога ја прикажавме претставата „Електра“, таму не бев само јас туку и моите колеги кои беа иницијатори за создавање на претставата, за таа авантура што прво се викаше претстава претстава „Електра“, а потоа и за создавање на овој фестивал што се вика „Стоби“. Искрено многу сум емотивна кога се наоѓам таму, во тие урнатини, што сега малку од малку се култивирани бидејќи кога ние прв пат отидовме тоа навистина беше место дадено од Бога само со змиите,гуштерите и секако ние поклониците на божицата Талија. Секое одење во Стоби ми се јавуваат тие сеќавања, сите настани и секако првата премиера на која публиката многу убаво не пречека, колку ни беше верна и како во реки доаѓаше да не гледа и да биде со нас без разлика на комарците, на временските непогоди за да биде со нас, да дише со нас и да не поддржува, рече Чичевска.
Изложбата трае 11 минути а нејзин автор е драматургот на велешки театар Сашо Димовски. Со неа започнуваат сите тркалезни маси што од годинава се составен дел на фестивалот и на кои актерите и режисерите, драматурзите и публиката дебатираат. На промоцијата присутните актери и директори на велешки театар додека ја гледаа дигиталната изложба констатираа промени на својот изглед и шегобијно ги коментираа своите брчки и побелени коси./У.Ј